По денешното обвинување од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска кон УО на ЈСП за неисплата на платите на вработените, со реакција се произнесе и Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие.
„УО на ЈСП Скопје во својот досегашен мандат презеде низа на активности и мерки со кои ги подобри условите за работа и правата на вработените, но нема надлежност за исплата на платите на вработените во претпријатието. Пред неколку месеци УО на ЈСП Скопје беше првиот УО кој ги сослуша репрезентативните синдикални организации во ЈСП и испрати барање до градот Скопје да се усогласат платите во ЈСП Скопје со минималната плата, велат од управниот одбор. На седницата присуствуваше и В.Д. Директорот на ЈСП Скопје кој се извини за неоправданото наведување на УО на ЈСП Скопје во официјалното соопштение за медиуми за актуелниве настани во ЈСП Скопје, а согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, УО на ЈСП Скопје бара тоа извинување да биде објавено на истиот начин како и обвинувањето. Навистина е неодговорно, незаконски и на крајот на краиштата нечесно да се вплеткува УО на ЈСП Скопје во актуелниве проблеми и барања на Синдикатите чии изјави ги слушнавме во медиумите. Управниот одбор смета дека ако некој сака да среди голем дел од проблемите во ЈСП а кои очигледно се “пикаат под тепих”, треба прво да си ги заврши своите обврски. Слушнавме дека е виновна владата, општините што не ги подмирувале своите долгови кон ЈСП, па советниците во градот Скопје и сега на крај и УО на ЈСП Скопје. На крајот за сето ова треба да се запрашаат најодговорните за овој проблем а тоа се знае кои се, Градоначалникот на град Скопје и В.Д. Директорот на ЈСП Скопје. Нека каже Градоначалничката зошто град Скопје му должи (заклучно со 30.09.2022 год.) на ЈСП Скопје 24 276 526 денари.Ги повикуваме надлежните да постапуваат според своите овластувања (Директорот на ЈСП Скопје и Градоначалникот на град Скопје), да понесат одговорност и да си поднесат оставка за настаната состојба. Јавниот интерес и вистината се секогаш на прво место“, се вели во соопштението од управниот одбор на ЈСП „Скопје“, се вели во реакцијата.