Режисерот и поранешен министер за култура, Слободан Унковски, вели дека Договорот со Грција е фер решение на долгогодишниот спор. Во интервју за државната Greek News Agenda, објавено пред неколку дена, под насловот „Приказната на медијаторот Нимиц би била одлична основа за мини тв сериј“, Унковски вели дека додавањето на придавката Северна е фер и реално решение, одраз на состојбите на теренот.
-Гледајќи го ТВ преносот на потпишувањето на Договорот во Преспа, препознавајќи го длабокото разбирање за другата страна, довербата и пријателството меѓу врвните преговарачи невидено досега во меѓусебните односи, бевме сведоци на нешто што навистина се случува а само некој месец пред тоа изгледаше комплетно невозможно.Тектонско е пореметувањето со менувањето на името на една земја. Тоа не е лесно, и секој од нас ја помина својата драма во врска со тоа – смета Унковски.
Според него не е реално да се очекува дека со Преспанскиот договор сите отворени прашања и натрупани трауми и стравови ќе бидат ставени ад акта.
-Но секако, овој договор отвара огромна врата на можен развој на односите и најважно, создава предуслови за нов позитивен старт во сите области. Се чини дека далеките наследници на комунистичките партии на обете земји, Сириза и СДСМ , имаа доволно храброст да го решат овој проблем како win win за обете страни, не плашејќи се од ризикот за сопствената политичка иднина, за нивните животи, градејќи нов дух на комуникација и соработка на Балканот – посочува тој.
На прашање на новинарката дали може да се смени тоа што цели генерации млади луѓе денеска го базираат нивниот идентитет на симболи како оној на Александар Велики, Унковски вели дека е потребна промена во учебниците во Македонија, но и во Грција.
-Можеме само да претпоставиме колку е голема штетата во областа на образованието во последниве десетина години од владеењето на екс премиерот Груевски. Ќе биде потребно многу работа, промени во учебниците и другите помагала, во едукативно квази документарни програми на ТВ, за да се вратат “изгубените генерации” на патот на наука и вистина далеку од романтичните конструкции и митови, далеку од илјада годишна историја на нацијата, и обидот за рекомпозиција на нашето културно наследство и идентитет. Корекции претпоставувам ќе бидат потребни и во историските учебници и кај грчката страна. Одвојувањето од супер лепакот на новите романтични соништа за Великост, за нас како основачи на светската цивилизација, за нас како единствените наследници на Античка Македонија, ќе биде особено компликувана задача зошто национализмот е како отров и дрога, заводлив и одлична замена за неуспешната и сиромашна реалност – додава тој.
Унковски вели дека би се врати во Грција со нов драмски проект кога ќе се укаже можност.
– Овој пат не како режисер од ФИРОМ, туку од Република Северна Македонија. Односно како човек од Театарот што е мојата права татковина – вели познатиот театарски режисер и професор.