На Универзитетот на Југоисточна Европа поради техничко административна грешка биле издавани уверенија со погрешно наведување на називот односно звање, а не дипломи, објаснуваше денеска на новинарско прашање ректорот Абдулменаф Беџети околу темата дали установата има издавано спорни документи за дипломирање.
Според него, станува збор за околу 200 такви уверенија.
-Тоа е полувистина, за периодот од 2008 до 2010 година немало регулирано со декрет во државата за квалифицикациите и за звањата во тој дел. Така што од 2010 ноември донесен е декретот, односно одлуката каде се идентификуваат називите на звањата и разликите во седми степен и шести степен. Меѓутоа тоа не дека се издадени дипломи, да бидеме на јасно, издадени се во кои стои бројот на трансфер европски кредити ЕКТС каде што пишува 180 ЕКТС кредити тоа значи е рамно на тригодишни студии (Bachelor).
Меѓутоа некој сака да ги толкува така само за да на некој начин внесува забуна. Но пак велам е полувистина, дел се во право затоа што веќе во 2012 кога е регулирано,односно 2011 почнало примена на декретот односно на одлуката, кога е регулирано, меѓу 2011 и 2012 имало такви случаи каде уверенијата се издадени со погрешно наведување на називот односно звање VII-1 . Меѓутоа од 2012 натака се е во ред.
Во суштина нема грешка, има техничко административна грешка во нецелиот тој период и не е тој број на дипломи 437 туку е помал од 200. Но колку и да е и две дипломи да се е в ред. Не се дипломи туку се уверенија, изјави Абдулменаф Беџети.
Според податоците што ги добила Државната комисија за спречување на корупцијата од Инспекцискиот совет кој извршил вонреден инспекциски надзор на Универзитетот, констатирале дека во тој период постоела една сива зона во којашто за помалку години завршено високо образование се доделува степен како да се завршени четири години.
-Всушност побаравме на колку студенти им се издадени вакви уверенија . Oдговорот беше дека на 449 студенти кои кои диломирале на Правниот факултет при овој универзитет им е издадено уверение за завршени студии во траење од шест семестри во кое е наведено дека се освоени 180 кредити и наведено е дека се здобиле со степен на образование од 7/1 дипломиран правник, рече претседателката Билјана Ивановска на седница на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Најзвучно име меѓу овие студенти е синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, кој предвреме положил правосуден испит, а сега за неколку месеци ќе ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители.