Пред две недели, во неделникот „Фокус“ излезе текст со наслов „Штип и Тетово „штанцаат“ повеќе лекари по жител од САД и од Германија, медицински факултет никнува и во Гостивар“, во кој направивме анализа, поткрепена со факти и изјави, за феноменот – хиперпродукција на медицински кадри на Штипскиот и на Тетовскиот универзитет, при што патем се надоврзавме дека ќе се отвора уште еден факултет во Гостивар.
По објавувањето на сторијата, излезе и најава на порталот „Фокус“, а по неколку дена подоцна следуваше реакција од приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет „Визион“ Гостивар.
„Универзитетот не е продукт на хиперпродукцијата на факултети од претходната влада, како што е наведено во текстот, туку е единствен универзитет на турската заедница во Република Северна Македонија, како единствена можна форма на организација на високообразовна установа за немнозинските заедници во земјава.
Согласно Уставот, законите и Охридскиот рамковен договор, државата преку буџетот го финансира образованието на мајчин јазик во основните и во средните училишта за припадниците на сите заедници, додека, пак, со Законот за високо образование е предвидено финансирање од државниот буџет само за заедниците, кои се 20 отсто од населението, односно на македонски и на албански јазик.
Останатите заедници можат да имаат високо образование на мајчин јазик само доколку самите се финансираат и организираат. По оваа рамка, има само една високобразовна институција, која е формирана во академската 2014/2015 година, и тоа е Меѓународниот универзитет „Визион“ во Гостивар, каде што наставата се одвива на турски, македонски и на англиски јазик.
Со тоа, Универзитетот е единствен на европско тло надвор од Република Турција, на кој се одвива настава на турски јазик, со што нашите студиски програми се атрактивни и за студенти од регионот.
Универзитетот во ваква форма може да постои само во оние општини во земјата каде што турскиот јазик е службен, а такви се само неколку, од кои Гостивар е најголемата и најурбана целина.
Универзитетот не отвора медицински факултет, туку факултет за здравствени науки со студиска програма за медицински сестри на турски наставен јазик. Работиме чесно, доследно и еснафски“, стои во реакцијата.
„Фокус“ во ниту еден момент не напиша дека штанцањето дипломи ќе биде на универзитетот во Гостивар, туку тоа се однесува за Штип и Тетово, додека притоа наведено е дека во Гостивар ќе никне уште еден медицински факултет и објавено е во чија сопственост е тој.