Универзалната сала ќе биде готова до 2026-та

by Fokus

Универзалната сала треба да биде реконструирана за три години, а нејзината поправка за почнува денеска, порачаа од Министерството за култура.

– Да го најавиме започнувањето на реконструкцијата на Универзална сала – архитектонски и културен симбол на Скопје. Министерството за култура презеде обврска во наредните три години непречено да го реализира проектот, затоа што имаме обезбедено финансиски средства и комплетна документација. Владата и Министерството одлучија да го преземат објектот, затоа што тој има огромно значење и не може да се функционира без објект од ваков калибар – рече министерката за култура Бисера Костадиновска -Стојчевска.

– После две години ќе се продолжи да се реализира нешто за коешто навистина се вложивме. Проектот е готов уште од 2021 година. Сега е ставен на располагање на изведувачите. Најпрво да се заврши кровот и фасадата, а потоа техничките фази и ентериер – рече проектантот Бујар Муча од „Мегарон инженеринг“.

Тој појасни дека комплетно ќе бидат модернизирани сцената и просторот за публика. Заради новите архитектонските прописи ќе се намали бројот на седишта, на околу 1.300.

Управителката од фирмата изведувач „Универзал-Балкан“, Билјана Блажевска, рече дека реконструкција и адапција на Универзалната сала ќе биде направена за 90 дена од денот на доставен налог за изведување на работите.

На почетокот на реконструкцијата присутен беше и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој рече дека во негов мандат ингеренциите за салата биле одземени од Градот Скопје, за да се пристапи кон реконструкција на објектот преку Министерството за култура, а потоа објектот повторно ќе биде вратен на користење на Град Скопје.

Рече дека скопјани не може да останат без ваков објект и се надева дека во 2026 година ќе имаме можност повторно да присуствуваме на концерт во Универзалната сала.

 

Поврзани новости