Пандемијата на Ковид-19 ја засили детската сиромаштија во Северна Македонија. Семејното насилство се зголеми за време на пандемијата, при што децата претставуваа речиси десет проценти од жртвите. Регистрирана е и зголемена појава на врсничко насилство меѓу згрижените деца во облиците на згрижување во системот на социјална заштита. Како резултат на рестрикциите и ограничувањата во движењето, зголемена е повредата на правото на видување на децата со родителот со кој не живеат.
Ова се главните наоди од истражувањето на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје за социјалните и економските ефекти на Ковид-19 врз децата во Северна Македонија. Анализата беше спроведена во партнерство со Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“, со поддршка од УСАИД.
– Најсиромашните деца може да страдаат повеќе од Ковид-19 како резултат на комбинираните ефекти на повеќе ризици и неповолности, како недоволен пристап до интернет и лоши услови за домување, што може да биде особено важно за напредокот
во учењето на децата во време на затворање и неработење на училиштата. Ваквите слабости се особено видливи кај децата од ромската популација, се потенцира во истражувањето.
Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјава, рече дека децата индиректно ја чувствуваат кризата предизвикана од пандемијата, и тоа зависи од финансиската состојба, можностите и условите во кои живеат. Истакна дека Ковид-19 ја засилил детската сиромаштија во Северна Македонија, при што 16.000 деца живеат под прагот на сиромаштија. Зголемено е и семејното насилство, истакна Ди Џовани, при што десет отсто од жртвите се деца. Посочи и дека Ковид-19 ја одложил болничката грижа за мајките и новороденчињата.
-За Владата ова е покомплициран процес за да се справи, а истражувањето утврди дека се добри мерките како што е олеснување на критериумите за социјална помош, како и финансиската помош што до некој степен ја олеснија сиромаштијата меѓу децата, но не е доволно направено на тој план, рече таа.
Повика штом ќе биде формирана новата Влада, како и сите граѓански здруженија и заедно родителите, да се фокусираат на децата и да се насочат кон обликување на иднината и кон следната фаза на управување на пандемијата, бидејќи од тоа, рече таа, сите ќе имаме придобивки.