Итно ни е потребна реформа на институциите и воведување критериуми за квалитет (објавени трудови, посета на специјализирани обуки, години на стаж, работа со надарени ученици итн.). Колку побргу ќе го направиме тоа, толку побргу ќе повлечеме црвена линија и ќе почнеме да ги санираме последиците од четириесетгодишното уништување на македонскиот образовен систем
Пишува: Самоил МАЛЧЕСКИ
Години наназад, сведоци сме на лошите состојби во македонскиот образовен систем. Од година во година, од мерка до мерка ништо не се менува на подобро, а децата се сè понеобразовани и покажуваат сè полоши резултати на сите меѓународни тестирања. Природно е да се постават прашањата: Каде згрешивме? Зошто состојбите постојано се влошуваат? Што ќе правиме во иднина?
Да почнеме по ред. За да се предложат мерки со кои би се надминале актуелните лоши сосотојби, најпрвин мора да се детектира проблемот, а потоа да се пристапи кон креирање и спроведување решенија. И тука се појавува првиот проблем. Триесет години кој како стаса, така носи некакви мерки и политики во македонскиот образовен систем, а притоа не е направена ниту една валидна анализа, да не зборуваме за стручна и научна дебата, која треба да ја потврди или да ја побие направената анализа. Почнувајќи од првите несмасни проекти во далечната 1994 година (чекор по чекор и слично), па сè до последните законски измени во 2019 година, сведоци сме на политикантство, нестручност и некомпетентност.
Приемните испити се укинаа популистички
Едни од „мерките“ што придонесоа за падот на квалитетот во образовниот систем е укинувањето на приемните испити за упис во средно и високо образование што ни се случи по 2002 година. Зошто го велам ова? По овие „мерки“, единствените критериуми за упис беа петките и врските. Оттука, масовното пишување петки и притисоците што ги трпеа колегите станаа секојдневие во македонскиот образовен систем. Притоа, укинувањето беше најавено како мерка што требаше да биде во корист на децата, но тогашните власти требаше да бидат свесни дека токму приемните испити беа едно од решенијата со кое се обезбедуваше квалитет и истото требаше да биде заменето со друго решение.
Ваквото нестручно и популистичко постапување во годините што следеа доведе до нереални просеци, па често се случуваше деца со петки по математика да не ја знаат таблицата множење, петки по македонски, а да не прават разлика меѓу глагол и прилог, а да не правиме муабет за Њутновите закони или некоја посложена формула по хемија.
Овој проблем требаше да биде надминат со воведувањето на ектерното оценување и притоа тоа беше најавувано како мерка за обезбедување квалитет. Но, од една добра намера, тоа екстерно оценување се претвори во мерка за пресметка со неистомислениците меѓу колегите. Зошто се случи тоа, не треба многу да се анализира, доволно е да се каже дека тоа беше спроведувано од вработени во Државниот испитен центар, од кои повеќето, ниту еден ден во животот не поминале во образовение, настрана што не отвориле дневник и не напишале барем една оценка. Кога на сето ова ќе се додаде професионалниот и човечкиот капацитет на тогашните министри за образование и наука, го добиваме тоа што го добивме со екстерното оценување.
Тука треба да се напомене и дека наместо да го промени процесот и суштински да го подобри таквото решение, СДСМ популистички го укина ектерното оценување, за две години потоа, со новиот Закон за основно образование и повторно без ниту една анализа, да воведе државно тестирање, кое засега по ништо не се разликува од ектерното оценување а, за волја на вистината, ниту, пак, покажаа волја да го реализираат.
Наставните програми губеа на квалитет, а учебниците останаа бизнис
Згора на сè, имавме и континуирано ад хок менување на наставните планови, без никаква анализа, кое низ годините доведе до тоа наставните програми да изгубат на квалитет и да се преоптоварат со непотребни содржини. Падот на квалитет на програмите доведе и до пад на квалитетот кај учебниците. Големите моќници во бизнисот со учебници, во желбата за побрза заработувачка, честопати ангажираа автори кои брзо пишуваа учебници. Брзо, ама неквалитетно. За потоа со лобирање и други методи да ги протнат своите учебници.
Во сето ова, најмногу изгубија децата, а меѓународните тестирања се само доказ за тоа. Ваквата состојба најмногу се должи на раководниот кадар во МОН, особено министрите. За да можат да владеат и да се богатат во континуитет, ги уништуваа институциите што требаше да се грижат за образованието на нашите најмили. Па така, БРО (Биро за развој на образование), наместо тело кое треба суштински да го води македонскиот образовен систем, се претвори во полигон за вдомување партиски кадри, односно на кого не му се држеше часови, местото си го наоѓаше таму.
Во суштина, во целиот процес недостасуваа и недостасуваат критериуми кој сè може да биде советник во БРО. На пример, ако за професор на Универзитет има некој минимум, за советник во БРО тој минимум не постои, а местото таму е, можеби, дури и поважно од местото на Универзитет.
Па, така се доведовме во ситуација за иднината на македонскиот образовен систем да одлучуваат луѓе со сомнителни биографии, а единствен битен фактор да биде сервилноста кон претпоставениот. Ова најмногу се почувствува при упадот во системот со недоветните програми и учебници според Кембриџ. За нивниот квалитет, или можам со сигурност да речам неквалитет, многупати досега сум пишувал и говорел, па затоа тука само ќе напоменам дека тие мора веднаш да се менуваат. Мора да се вратат старите програми и учебници сè до изготвување сеопфатна анализа и воведување нови.
Овие процеси не ги одминаа и Републичката педагошка служба, Државниот просветен инспекторат итн. Тука морам да напоменам дека во овие институции сè уште има луѓе што држат до себе и до своето знаење, но тие се маргинализирани и исклучени од процесите.
Силни институции за силен образовен систем
Сето погоре изнесено говори дека итно ни е потребна реформа на институциите и воведување критериуми за квалитет (објавени трудови, посета на специјализирани обуки, години на стаж, работа со надарени ученици итн.). Колку побргу ќе го направиме тоа, толку побргу ќе повлечеме црвена линија и ќе почнеме да ги санираме последиците од четириесетгодишното уништување на македонскиот образовен систем. Дали ќе биде лесно? Сигурно не, но мораме да почнеме од некаде, ако сакаме да постигнеме нешто и кадрите што се производ на македонскиот образовен систем еден ден да бидат конкурентни со оние од земјите-членки на ЕУ. Доколку не го направиме тоа, и понатаму само со жалење ќе ги констатираме лошите резултати на нашите деца на меѓународните тестирања.