Кога би можела да зборува Железничката зграда во Скопје, која се наоѓа на улицата „Борка Талески“, позади трговскиот центар Буњаковец, би можела да раскаже дека овде се снимале инсерти од познатиот македонски филм „Среќна нова 49.“ и дека дел од станарите биле статисти, дека овде живеел Перо станарот кој имал 49 мачки и кој завршил на Голи оток, зградата би можела да каже каде е ракијата што некој станар во минатото ја закопал среде дворот ограден од сите страни со станови и балкони, би можела да раскаже и каква миризба се ширела низ дворот кога во него на секој ќош имало липи, пред да бидат исечени од станар револтиран што куќниот совет не можел да реши што да прави со нив.
„Кога зградите би зборувале“ е истражувачки перформанс на Филип Јовановски, куриран од Ивана Васева, кој се фокусира на Железничката зграда во Скопје позната и како Железничка колонија, уникатен објект каков што нема сличен во Македонија. Изграден е во 1946 година, проектиран од архитектот Михаил Дворников и наменет за вработените во Државната дирекција за железници – Скопје.
Десетина генерации живееле во овие станови кои се со различна големина, помалите со површина од 48 метри квадратни, а поголемите од 120 метри квадратни. Нивните животи ја обележале зградата, нанеле свои траги по испуканите ѕидови и по оштетената фасада која е во поодмината фаза на распаѓање.
Железничката зграда преживеа промена на општественото и политичко уредување, го преживеа големиот земјотрес од 1963 и помали земјотреси што следеа потоа, преживеа поплави, други природни катастрофи и разни профили на станари, но не може да ја преживее и негрижата на заедницата, незаинтересирана да го реставрира ова културно наследство.
Токму тоа и се обиде да го долови перформансот од група уметници кои се одржа вчера попладне во Железничката зграда, а кој е дел од проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“, што го реализира Факултетот за работи што не се учат. Симулирајќи седница на куќниот совет на зградата, уметниците се обидоа да ги евоцираат спомените на станарите што се уште живеаат во оваа зградата, а кои се сеќаваат на подобри денови кога биле посложни и посолидарни.
-Ништо не е како порано. Кога бев дете луѓето беа поотворени, имаше цело време деца во дворот и соседи кои седнале на муабет, но имаше и ред и дисциплина, си игравме до пет саатот, а потоа сите по дома. Сега се луѓето затворени, секој во својот свет. Го нема соживотот што некогаш го имаше – вели, Слободан Кочевиќ, познат како чичко Бајко, кој живее во оваа зграда повеќе од 60 години.
Перформансот почна со обиколка околу зградата евоцирање анегдоти поврзани со овие ѕидови, затоа што, како што беше речено, на историјата не можеме да се сеќаваме, туку само да ја испишуваме одново.
Зградата е град во мало. Осмислена е така што на станарите ќе им понуди богат интерактивен живот, исполнет со заеднички активности. Во дворот има летниковец и зелена површина каде некогаш си играле околу четиристотини деца. Само 45 отсто од просторот е наменет за домување, остатокот е заеднички простории и комунален дел.
Меѓу заедничките простории е и сала во која некогаш се играло пинг понг, сега овој дел се изнајмува на приватна фирма. Зградата има и своја кино сала. Првата проекција била одржана во 1959 година и хрониките зборуваат дека присуствувале 24 станари. Сега, оваа кино сала, е празна и полураспадната просторија од која се слева вода како водопад при секој дожд.
Но не прокиснува само овој простор, туку и останатите станови. Во зградата живеат 72 домаќинства и сите имаат потреба од реновирање на покривот и на фасадата. Сепак зградата е заштитена како културно наследство од втор степен и не смеат да се вршат градежни интервенции без согласност од државата, а власта е незаинтересирана да инвестира средства.
Освен влагата, прокиснувањето и оштетената фасада, жителите на овој комплекс можат само да сонуваат за парно греење. Поголемиот дел се грејат на струја, а има и такви што ги затоплуваат своите домови со огревно дрво. Имало неколку обиди да се најде решение за овие проблеми, но сите завршиле неуспешно. Градоначалниците ветуваат, велат станарите, но никогаш не исполнуваат.
Преку дебата, која имаше за цел да симулира расправа меѓу членовите на куќниот совет, уметниците и граѓанските активисти понудија свои решенија. Форум театарот беше изведен во соработка со Владо Карев. Просторот со најголем потенцијал, кино салата, беше посочен како неискористен генератор на средства. Доколку се понуди за издавање, станарите ќе можат да соберат доволно средства за да си ги решат горливите проблеми, вели актерката, Кристина Леловац.
-Овој простор е јавно добро и сакаме со помош на институциите да изнајдеме начин за соодветно да се реставрира, а да се користи понатаму од независната културна сцена. Кино салата може да продолжи така да генерира средства. Доколку институциите не се заинтересираат, тогаш морам да кажам дека оние што ги водат се некомпетентни затоа што зградата е репрезент и има наратив околу себе, поради кој сите ја сакаат – вели Леловац.
Сепак, кино салата е во руинирана форма и би била потребна инвестиција за да се оспособи за користење, дали од страна на архитекти и сликари за ателје, фирми за канцеларии, или уметници кои би изведувале перформаси. Седницата на куќниот совет вчера беше затворена со неколку предлози и со апел до институциите да се вклучат во процесот за Железничката зграда повторно да заживее.
Во перформансот учествуваа актерите Кристина Леловац, Јасмина Василева, Ивана Павлаковиќ, Долорес Поповиќ и Благој Веселинов. Факултетот за работи што не се учат, односно Филип Јовановски и Ивана Васева работат со станарите од 2015 година како би го анимирале јавниот напуштен простор во зградата.