Агенцијата на Обединетите нации за бегалци УНХРЦ денеска излезе со проценка дека во наредните месеци во Македонија секој ден ќе влегуваат околу 3.000 мигранти. Според УНХЦР, ова се должи на продолжување на насилствата во Ирак и Сирија и влошување на условите за сириските бегалски во Турција, Јордан и Либан.
-Не гледаме било каков крај на приливот на мигранти во наредните месеци. Навистина веруваме дека доколку бидат превземени вистински мерки, ова е нешто со кое Европската унија може да се избори, рече портпаролката на Високиот комесар на ОН за бегалци, Мелиса Флеминг на денешниот брифинг во Женева.
Таа додаде дека Европската унија мора да обезбеди „правилна распределба“ на барателите на азил и ја повика ЕУ да им пружи помош на Грција, Македонија и Србија во решавањето на проблемите предизвикани со масовен прилив на бегалци.