Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, потврди дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе допатува во посета во земјава до крајот на тековниот месец. Според Муцунски, засега не се знае точно каде ќе се одржи оваа средба, а неофицијално се спомнува Охрид и како потенцијални датуми – 25 и 26 септември.
Запрашан за коментар на наводите дека Унгарија делува како параван на Кина во заемот од 500 милион евра за земјава, Муцунски одговори дека не видел кредибилни докази за ваквото тврдење и дека заемот е од земја членка на Европската Унија, која во мементов претседава со ЕУ.
„Унгарија е земја чиј премиер редовно одржува билатерални средби со највисоките претставници на дел од земјите кои ги набројавте. Дури од нив е примен во нивните главни градови, со кои врши трговија, со кои има одлична дипломатска и економска соработка, така што ако сакаме да го гледаме низ призмата на одредени предизвици кои ги има, секогаш ќе има. Една земја членка нема да се согласува со друга, втора нема да се согласува со трета. Но, што би значело тоа, ако на Чешка или Словачка утре им се отвори некаков спор, ние треба да бираме со кој да соработуваме. Ние ќе соработуваме и со Германија и со Унгарија и Австрија и Франција“, вели Муцунски.