Барнабас Варга, напаѓачот на унгарската репрезентација, се здоби со тешки повреди на мечот со Шкотска по сударот со шкотскиот голман Ангус Ган.
Во инцидентот, кој се случи во 68. минута по слободниот удар на Доминик Собослај, Ган со лактот го удри Варга, што резултираше со фрактура на јаболчната коска и потрес на мозокот.
Повредата била сериозна, а Варга остана да лежи неподвижен на теренот додека му беше пружена помош.
Поради сериозноста на повредата околу повредениот играч беше поставен параван додека медицинските екипи работеа на негово стабилизирање.
Брзата помош бавно пристигна, па соиграчите притрчаа на помош за да го забрзаат давањето прва помош. По стабилизацијата, Варга беше изнесен од теренот на носилки и пренесен во болница.
Неговиот агент, Питер Паунох, рече дека Варга претрпел фрактура на неколку коски на лицето, вклучувајќи ја и јаболчната коска и потрес на мозокот.
Според него, операцијата е планирана за понеделник, што е позитивна вест во однос на брзината на одговор и лекувањето на повредите.
Паунох исто така изјави дека Варга не се сеќава на инцидентот, што често се случува при потрес на мозокот.
За повредата на Варга проговори лекарот на репрезентацијата Гергељ Панич.
„За време на судирот Варга се здоби со потрес на мозокот и изгуби свест. Кога стигна во итната медицинска помош, тој веќе се освести, по што беше однесен во клиника во Штутгарт, каде по прегледот бил изготвен тераписки план според кој ќе биде опериран. Нашиот напаѓач се здоби со повеќекратни фрактури на черепот на лицето, неколку помали и поголеми коски беа скршени, а некои беа дури и дислоцирани. По операцијата тој ќе биде задржан два дена, а доколку се биде во ред ќе биде пуштен во среда“ рече докторот.