Орбан нареди да се штеди гасот и да се работи на температура до 18 степени во зима

by Fokus

Унгарската влада нареди намалување на употребата на гасот во државните институции за 25% и одржување на температурата на 18 Целзиусови степени во зима, со исклучок на болници и установи за нега.

„Јасно е дека енергетската и економската ситуација низ Европа е тешка, а тоа води кон финансиска криза. Поради тоа, потрошувачката на гасот во државните установи мора да се намали за една четвртина“, изјави шефот на кабинетот на премиерот Орбан, Гергели Гуљаш.

Неколку локални управи низ Унгарија се пожалија дека трошоците за енергија значително им се зголемија, поради што се соочуваат со тешки одлуки, па дури и со инсолвентност. Гуљаш кажа дека секој мора да изнајде дополнителни средства за да се покријат сметките за енергија.

Засега не е решено дали предложената максимална температура од 18 степени ќе се однесува и на образовните установи.

„Температурата од 18 степени претставува здравствен ризик за оние кои вршат седечка и интелектуална работа“, изјави Петерне Борош, претседателот на синдикатот на јавни службеници.

Поврзани новости