Унгарија нема да испрати војници или оружје во Украина и нема да дозволи да се транспортира смртоносно оружје низ нејзината територија за да ја зачува земјата безбедна, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
-Причината за оваа одлука е тоа што пратките со такво оружје може да станат цели на непријателски воени дејствија, а мора да ја гарантираме безбедноста на Унгарија, да не биде вклучена во оваа војна – рече Сијарто по состанокот со косовскиот министер за надворешни работи Доник Гервал.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја ќе ги поддржи сите санкции на Европската унија против Русија и нема да блокира ништо.
-Унгарија јасно стави до знаење дека ги поддржува сите санкции и нема намера да блокира ништо. Прифаќаме и поддржуваме се за што се договорат премиерите на ЕУ – рече Орбан, додавајќи дека време е за обединување.