Унгарија не ја известила државата за статусот на Груевски по истекување на азилот

by fokus

Пред неполн месец на бегалецот Никола Груевски му „истече“ азилот, односно по поминати три години, државата во која е гостин, треба да одлучи дали и понатаму ќе му обезбеди прибежиште.

Груевски за својот моментален статус во Будимпешта не коментира на социјалната мрежа фејсбук, каде што е активен, а официјална информација од Унгарија досега не пристигнала во Министерството за правда.

-Немаме официјално известување за сегашниот статусот на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, ни одговорија од Министерството за правда.

Инаку, Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси. На Груевски пак истиот му истече минатиот месец.

– Тоа е всушност една нова процедура за азил, во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Врз основа на доказите, властите може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат, изјави неодамна Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.

Питер Марки-Заи, кој ќе му се спротивстави на унгарскиот премиер Виктор Орбан на парламентарните избори следната година, пак, најави екстрадиција на Никола Груевски доколку победи. Парламентарните избори во Унгарија ќе се одржат пролетта 2022 година, а според последните анкети, рејтингот на здружената опозиција, чиј кандидат е Марки-Заи, е ист како тој на Фидес предводена од Орбан.

Од Министерството за правда немаат нова информација ниту поврзана со екстрадицијата на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски.
-И за овие две лица нема никаква поромена по однос на барањето за естрадиција, кое беше одбиено поради поради помилувањата на поранешниот претседател Иванов, ни одговорија од правда.
Валентина Вурмо

Поврзани новости