Унгарија нема да го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку влезе во земјата, изјави шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, додавајќи дека нема да има законска основа за тоа.
Унгарија го потпиша и ратификува Римскиот статут за основање на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој во петокот издаде налог за апсење со кој го обвинува Путин за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина. Во него се наведува дека постојат разумни основи да се верува дека Путин сноси индивидуална кривична одговорност, пренесува Ројтерс.
Запрашан дали Путин ќе биде уапсен доколку дојде во Унгарија, шефот на кабинетот на Орбан Гергели Гуљас на брифинг рече дека Римскиот статут не е инкорпориран во унгарскиот правен систем.
– Можеме да се повикаме на унгарскиот закон и врз основа на тоа не можеме да го уапсиме рускиот претседател… бидејќи во Унгарија не е објавен статутот на МКС – рече Гуљас.
На прашањето, тој рече дека неговата влада „не формирала став“ за налогот за апсење издаден против Путин.
– Овие одлуки не се најлесни за носење бидејќи ги водат работите кон понатамошна ескалација, а не кон мир, тоа е мое лично субјективно мислење – додаде Гуљас.
Путин, само третиот актуелен претседател по кого МКС издаде налог за апсење, најверојатно нема наскоро да заврши на суд. Но, налогот значи дека тој би можел да биде уапсен и испратен во Хаг доколку отпатува во која било земја членка на МКС.