Золтан Ковач, државен секретар за меѓународна комуникација во унгарската влада, на социјалната мрежа Х напиша дека шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто објавил оти Унгарија ќе обезбеди три теренски противпожарни возила за Северна Македонија за да помогне во борбата против шумските пожари.
Во постот Ковач пишува дека ваквиот чекор е преземен по реализираниот телефонски повик со, како што вели, „северномакедонскиот колега“ на Сијарто.
„За жал, нашите северномакедонски пријатели сега се соочуваат со извонредни предизвици предизвикани од овие пожари, ние како пријатели мораме да помогнеме. Тој (Сијарто, н.з) потврди дека Унгарија ќе испрати три противпожарни возила способни да гаснат пожари од непосредна близина. Министерот Сијарто изрази надеж дека оваа помош ќе ѝ помогне на Северна Македонија брзо да ги стави под контрола шумските пожари. Тој, исто така, им се заблагодари на Министерството за внатрешни работи и министерот Шандор Пинтер за нивната брза реакција“, напиша Ковач на социјалната мрежа Х.