Унгарија казни опозициска партија со 3,6 милиони долари

by fokus

Шефот на унгарската националистичка партија Јобик, Томаш Шнајдер денеска изјави дека казната од речиси милијарда форинти (3,6 милиони долари), која и ја изрече државната ревизорска институција поради финансиски неправилности во изборна кампања може да ја принуди партијата да се затвори.

Шнајдер вели дека Јобик ќе одржи вонреден конгрес на партијата во следните неколку дена, за да разговараат за актуелната ситуација.

Тој нагласи дека е сосема јасно оти владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан сака на овој начин да ја угаси Јобик.

Фидес освои двотретинско мнозинство на априлските избори во Унгарија минатата година, додека Јобик е најголема опозициска сила во Парламентот. Во случај да згасне партијата Јобик, нејзините 20 пратеници би можеле да продолжат да дејствуваат самостојно.

Јобик, која некогаш беше позната по своите тврдокорни и антисемитски ставови, во последниве години стана умерена и полека се приближува на центарот за да се спротивстави на Фидес, владејачката партија на десницата на премиерот Виктор Орбан.

Државната ревизорска организација неодамна казни и други опозициски партии поради слични неправилности во кампања и го обвини лидерот на Јобик дека се обидува да изврши политички притисок на нејзината работа.

-Последните, кои систематски ја искоренија опозицијата во Унгарија, беа комунистите, а тоа доведе до револуција во 1956, соопшти Јобик, додавајќи дека „ние би сакале наместо тоа да продолжи владеењето на правото”. 

Поврзани новости