Унгарија ја одложи ратификацијата за членство на Шведска во НАТО

by Fokus

Парламентот на Унгарија нема да гласа за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО на седницата следната недела, според дневниот ред објавен денес.

Шведска, која ја напушти својата долгогодишна политика на воено неврзување по руската инвазија на Украина, се надеваше дека формално ќе се приклучи на Алијансата на самитот на НАТО на 11-12 јули. Иако има силна поддршка од другите членки како САД, Турција и Унгарија досега ја блокираа ратификацијата на нејзиното членство.

Пратеничката на опозициската Демократска коалиција, Агнес Вадаи денес изјави дека пратениците од владејачките Фидес и демохристијанските партии не го поддржале предлогот ова прашање да се стави на дневен ред на пленарната седница на парламентот следната недела на состанок на комисијата, јави Ројтерс.

„Парламентарната комисија одби да го стави гласањето на дневен ред следната недела“, рече Вадаи, додавајќи дека нејзината партија повторно ќе предложи гласање во понеделник во парламентот.

Вадаи рече дека е „очигледно“ дека Фидес одлучил да го закаже гласањето во зависност од позицијата на Турција.

„Премиерот Виктор Орбан се движи во тандем со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, игнорирајќи го унгарскиот суверенитет и уништувајќи го единството на НАТО“, рече таа.

„Како што изгледа денес, нема да има ратификација пред самитот на НАТО“, додаде таа.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека има намера да разговара со Орбан подоцна во четвртокот по медиумските извештаи дека унгарскиот парламент ќе ја одложи ратификацијата на кандидатурата на Шведска за НАТО.

Унгарскиот парламент ќе заседава следниот понеделник, вторник и петок. Ќе гласаат за неколку предлог-закони, меѓу кои и за буџетот за следната година.

Процесот на ратификација е закочен во парламентот од јули лани, но дури во февруари Орбан првпат изрази загриженост за аспирациите на Шведска и Финска за членство во НАТО.

Тој ги обвини двете земји, меѓу другото, дека шират директни лаги за здравјето на демократијата и владеењето на правото во Унгарија. Сепак, унгарските претставници ја одобрија кандидатурата на Финска на крајот на март.

Повторувајќи ја позицијата на Турција, Ердоган му рече на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во телефонски разговор во неделата дека Шведска мора да ги прекине протестите на поддржувачите на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Стокхолм за да добие зелено светло за приклучување кон алијансата.

Западен официјален претставник изјави вчера дека сојузниците на НАТО ги засилиле напорите да ја убедат Турција да ја прекине блокадата на Шведска, но не е јасно дали ќе успеат пред самитот во Литванија, јави Ројтерс.

Поврзани новости