Унгарската програма, која ги олеснува визните ограничувања за руските и белоруските граѓани, ќе ги вклучи истите безбедносни проверки низ кои поминуваат и другите дозволи за престој, објави денеска министерот за внатрешни работи на земјата Шандор Пинтер во писмо упатено до шефот за внатрешни работи на ЕУ Илви Јохансон.
Будимпешта минатиот месец ја прошири својата програма за имиграција со воведување таканаречени „национални картички“ за да ги вклучи Русите и Белорусите, што предизвика страв кај претставниците на ЕУ дека Русија би можела да ја искористи за испраќање саботери и шпиони во Шенген зоната, пишува Ројтерс.
На носителот на ваква картичка му е дозволено да работи во Унгарија без посебна дозвола, а може да го донесе и своето семејство, а Пинтер во писмото појаснува дека картичката ќе биде издадена во согласност со релевантната рамка на ЕУ со разгледување на сите безбедносни ризици.
Јохансон претходно овој месец ја предупреди Унгарија дека нејзината одлука да ги олесни визните ограничувања за руските и белоруските граѓани претставува потенцијална безбедносна закана.
Истовремено, таа додаде дека ќе преземе нешто доколку нема одговор на нејзината загриженост.