Србија и Унгарија се договорија за изградба на нафтовод што ќе и овозможи на Србија да се снабдува со „поевтина нафта од Урал со поврзување со нафтоводот Дружба (Пријателство), соопштија унгарските власти.
Изградбата на гасоводот беше договорена откако Европската унија (ЕУ) воведе нови трговски санкции кон Русија на 6 октомври и го прошири списокот на лица кои им ги замрзнува имотите и забранува патување на територијата на ЕУ како дел од осмиот пакет санкции.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја нарече Хрватска одговорна за тоа што Србија не е изземена од забраната за увоз на руска нафта, која ќе стапи на сила на 5 декември во осмиот пакет санкции на ЕУ против Русија поради нејзината агресија врз Украина.
Вучиќ рече дека поради ова Србија повеќе не ја смета Хрватска за сигурен снабдувач, дека ќе мора да го диверзифицира снабдувањето со нафта и додаде дека со унгарскиот премиер Виктор Орбан разговарал за можноста за поврзување на нафтоводот „Дружба“, кој носи нафта од Русија до Унгарија преку Украина, пренесува Бета.
Руската нафта пристигнува во Србија преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).
Како што напиша на Твитер портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач, Србија најверојатно во иднина нема да добива нафта преку Хрватска поради ова.
-Во моментов снабдувањето со нафта главно се врши преку цевководи низ Хрватска, но малку е веројатно дека тоа ќе биде можно во иднина поради усвоените санкции, напиша Ковач.
Јужниот крак на гасоводот „Дружба“ оди преку Украина до Унгарија, преку Словачка и Чешка, и е главен извор на сурова нафта за трите земји.