„MAKE Europe Great Again“ односно „Да ја направиме Европа повторно голема“ ќе биде официјалниот слоган на унгарското претседателство со Советот на Европската Унија. Белгија во моментов претседава, а Унгарија ќе ја преземе таа улога на 1 јули.
Унгарија го откри слоганот и новото лого во видео објавено вчера на социјалната мрежа Икс. Слоганот е копија на слоганот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој претходно го има фалено унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува Си-ен-ен.
Трамп го угости унгарскиот моќник во Мар-а-Лаго во март, истакнувајќи дека двајцата останале во контакт откако тој ја напушти Белата куќа во 2021 година.
„Нема попаметен или подобар лидер од Виктор Орбан. Тој е фантастичен“ изјави тогаш Трамп.
Логото на унгарското претседателство е инспирирано од „светски познатиот унгарски изум, Рубиковата коцка“, кој оваа година слави 50-годишнина. Унгарското знаме е на едната страна од коцката, а знамето на Европската унија од другата страна.
The Hungarian Presidency of the Council of the European Union introduces its offical logo. 🇭🇺🇪🇺 #HU24EU pic.twitter.com/nT0gbS9fv4
— Hungary in the EU (@HungaryintheEU) June 18, 2024
Ова не е првпат Унгарија да го копира вокабуларот на Трамп. Во мај, Орбан ја одржа третата годишна Конференција за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во Будимпешта. Во својот воведен говор, Орбан ја поддржа кандидатурата за реизбор на Трамп и го искористи неговиот слоган, велејќи: „Направете ја Америка повторно голема, направете ја Европа повторно голема!
По тој повод Трамп испрати однапред снимена видео порака во која го нарече Орбан „голем човек“ и ги поздрави „патриотите во Унгарија кои гордо се борат на првите линии на битката за спас на западната цивилизација“.