Унгарија ги покажа автобусите што ги подготви за превоз до Брисел на барателите на азил кои пристигнуваат на нејзината граница со Србија, што предизвика лута реакција на белгиската влада.
Унгарската влада ова го соопшти во август, а во последните неколку дена преку медиумска кампања промовираше серија жолти градски автобуси изнајмени за оваа намена.
„ЕУ би сакала да ја принуди Унгарија да ги ослободи илегалните имигранти што ги запираме на нејзината јужна граница“, рече во петокот заменик-министерот за внатрешни работи Бенце Ретвари.
„По примената на европските процедури ќе им понудиме бесплатен билет во еден правец до Брисел“, рече тој и додаде: „Ако Брисел ги сака, ќе ги има“.
Ова е одговорот на Унгарија на рекордната казна од 200 милиони евра, која Европскиот суд на правдата и ја изрече во јуни поради непочитување на договорот за право на азил, со парична казна од 1 милион евра дневно додека не ја усогласи својата политика со регулативите на ЕУ. Таа одбива да ја плати, сметајќи ја казната „неправедна“ и „скандалозна“.
Заканата на Унгарија за транспорт на мигрантите во Брисел е „неприфатлива“, изјави белгиската државна секретарка за азил и миграција, Никол де Мур.
„Тој вид на однесување е штетно и контрапродуктивно“ и „ја поткопува солидарноста и соработката во Унијата“, рече таа, предупредувајќи на „флагрантно кршење на европските и меѓународните договори“.
Европската комисија одби да коментира, велејќи дека навикнала на „бучните изјави од Унгарија“.
Никогаш не пропуштајќи ја приликата да ја осуди наводната „размена на луѓе“ во западноевропските земји, унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан жестоко се противи на пристигнувањето мигранти надвор од Европа во неговата земја. Од кризата во 2015 година, тој ја забарикадира Унгарија со подигнување на гранични огради, велејќи дека сака да ја „одбрани“ „христијанска“ Европа.
Доколку Будимпешта не ја плати казната, Европската комисија може да ја одбие од европските фондови кои се уште не и ги дала на Унгарија. Дополнително, ЕУ се уште не ги исплаќа 19 милијарди евра поради нападот на Унгарија врз принципите на владеење на правото.