УНЕСКО со критики за Охридскиот регион – втора препорака да се стави на листата светско наследство во опасност

by fokus

Рушењето на дивоградбите во Охридскиот регион се одвива многу бавно и мораториум кој не дал резултати, се дел од критиките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО во новиот извештај за Охридскиот регион, за кој се наведува дека ги исполнува условите да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.

Заклучоците на реактивната мониторинг група на УНЕСКО кон крајот на 2020-та ги констатирал истите еколошки и урбанистички аномалии како и пред четири години.

-Инвентарот на нелегалните градби е чекор напред, но уривањето на нелегалните објекти тече премногу бавно, посебно во Северна Македонија. Мораториумот на сите урбани трансформации и промени на брегот кој беше препорачан во 2017 година беше воспоставен во август 2019 година, по двегодишно одложување, од општините Охрид, Струга и Дебрца во Северна Македонија. Но, одлуките на општините вклучуваат неколку исклучоци за бројни градежни активности, и со тоа се губи смислата на мерката. Мисијата смета дека мораториумот треба да биде построго спроведуван и исклучоците да бидат значително ограничени, стои во извештајот на УНЕСКО кој ги детектира аномалиите на 125 страници.

Според здружението Охрид SOS ваквата препорака е заслужена.

-По втор пат, како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, експертите со јасна и гласна препорака: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност! Овојпат, заедно со Албанија го заслуживме истото, бидејќи носителите на власта и нивните прислужници по институциите, во дружба со крупните бизниси, бескрупулозно и насилно, во континуитет чинеа злодело кон едно од настарите езера на Планетата Земја, го запустија наследството, ги нагрдија градовите, ја разграбаа земјата. За овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 видовме процеси со динамика еден напред-три назад, шоу со „рушење дивоградби“, план за управување кој се сведе на одредување број на катови, процеси на заштита кои се саботираа. Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува, соопштија од Охрид SOS.

УНЕСКО нотира седумдесетина препораки до властите кои треба веднаш да бидат спроведени.

Поврзани новости