Македонија е на 82 место на светската листа се вели во најновиот извештај на УНДП за човечки развој, a aнализите се направени врз основа на неколку параметри како што се дали земјата има многу висок, висок, среден или низок човечки развој, врз основа на фактори како што се бруто домашниот производ по глава на жител, животниот век, образованието, како и здравството.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој ја изработи презентација со индикатори за потребите на УНДП, податоците покажуваат и дека во земјава расте средната класа, или од 47,5 отсто, таа се зголемила на 55,7 проценти, што, пак, се случува кога во многу земји ширум светот средната класа се намалува. Причините за тоа е што во последнава декада политичарите беа фокусирани на развој на посиромашните, како што е зголемувањето на социјалната помош, ад хок зголемувањата на пензиите, воведувањето и зголемувањето на минималната плата, како и земјоделските субвенции, кои иако не беа со таква намена, имаа силна социјална компонента.
Заземајќи го 82 место со индекс на човечкиот развој од 0,759 и влегувајќи во групата на земји со висок човечки развој, Македонија е позади речиси сите земји од регионот, заедно со Алжир и Перу.
На прво место на листата на најновиот извештај на УНДП е Норвешка, со индекс 0,954. Во таа земја се највисоки сите критериуми, и БДП по глава на жител, и животниот век, но и образованието и здравството. По неа следуваат Швајцарија, Ирска и Германија.
Минатата година, пак, сме биле 81-ви , а според извештајот падот некогаш се должи и на фактот што одредени земји се подобруваат и одат нагоре на листата.
Словенија е на 24 место, Грција на 32, додека пак Бугарија и Црна Гора го делат 52 место. Овие држави се во групата земји со многу висок човечки развој, што значи дека ние сме една категорија подолу, од вкупно четири категории. Според индексот, ние сме и позади Србија, која го зазела 63 место, Албанија која е на 69 позиција, а пред нас е и Босна и Херцеговина, која е на 75 место.
Главна цел на ова мерење е да се покаже дека човечкиот развој не зависи само од растот на економијата, туку како тоа влијае на животите на граѓаните во тие држави. УНДП се залага за намалување на нееднаквоста во светот.
С.Т.