Уморен сум и ставам крај на се – порача шампионот Стаменковски откако пред три дена ни донесе злато

by fokus

Светскиот шампион во пауерлифтинг, Бошко Стаменковски (48) од Македонска Каменица, повторно и донесе злато на Македонија.

Тој се врати од меѓународното натпреварување во Бенч прес на Војводина Куп со златен медал. Освоил прво место Опен до 74 килограми и прво место Мастер до 74 килограми со подигнати 153 килограми, а Лазар Захариев од Кочани на истиот натпревар освоил трето место Опен до 105 килограми и прво место Мастер. Ова е само уште еден во низата златни медали кои спортистот ги освои во изминативе пет години.

Откако активно започна да се занимава со кревање на тегови во 2015 година, тој редовно се враќа со награди и признанија, а на шега вели дека веќе и нема каде да ги чува пехарите и златните медали.

Сепак, и покрај големите професионални успеси, Стаменковски решил да стави крај на својата кариера.

-Ме очекува наредно првенство, светски куп во Одеса, Украина, од 5-ти до 8-ми декември и за оваа година толку од натпреварите. Потоа, во март 2020 година сум во Америка, на Арнолд Класик Охајо, и завршувам со кариера. Нема причина да продолжам понатаму. Уморен сум од се во животот – вели шампионот, кој е брат на градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Тој во минатото, во повеќе наврати јавно апелираше до надлежните институции за помош, односно за финансиски средства за покривање на трошоците за учествата на првенствата. Минатиот месец беше отворена сметка за донации, со цел да се соберат околу 5.500 евра, сума која што му беше потребна за да замине на светскиот шампионат во пауерлифтинг во Атланта, САД. Средствата не се собраа, и тој не замина во Атланта.

За „Фокус” вели дека недоволната поддршка од институциите е само една од причините поради кои решил да стави крај на кариерата.

-Тоа да, секако, но има и други причини. Разочаран сум од животот, паѓам во депресија. Едноставно, не гледам причина да продолжам. Така стојат работите во моментот, но сепак ќе видиме како ќе се одвиваат понатаму – открива Стаменковски.

Лани во декември, тој се закити со уште една титула, шампион во правење склекови во организација на Champions House Macedonia. Тогаш за „Фокус” раскажа дека во 2018 година освоил 19 медали, а во новата година влегувал со желба да си ја најде сродната душа.

-Целиот свој живот сум сам. Не знам зошто, не ми се создаде прилика во животот, па не успеав да си ја најдам мојата сродна душа. Сакам да си ја најдам мојата половина, не ми е важно дали ќе биде спортистка или не, ми треба добра жена покрај мене со која ќе го поминам животот. Кога веќе се редат Новогодишни желби, тоа е мојата најголема желба во 2019 година, да имам со кого да ги споделам сите добри и лоши моменти, да имам свој сопатник и поддршка – раскажуваше во ланското интервју шампионот.

В.К.

Поврзани новости