Желби за здравје, љубов, насмевки, мир во домот и во семејствата, слога и почитување, упатија од денешната традиционална бадникова прослава поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, новите кумови Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, здравичарот Живко Поповски – Цветин, како и минатогодишниот кум д-р Никола Пановски и минатогодишниот здравичар д-р Миодраг Врчаковски.
-Убав е денов, убаво почна и годината, со сонце. Актер, музичар и ликовен уметник, тоа сме ние тројца. Тука сме и искрено се надевам дека пандемијата ќе биде победена од уметноста, изјави Дац откако претходно во Соборниот храм заврши церемонијата по повод осветувањето на бадниковата погача.
Според него, убаво е да си кум на бадникарите кои се прекрасни луѓе и ја одржуваат традицијата.
-Сум бил неколку пати тука, на оваа бина, како пејач, но сега сум тука и како кум. Многу ми е драго што ќе ја продолжиме оваа тадиција со Дац. Ќе гледаме да ја стивнеме короната, да правиме убави акции и песни. На сите граѓани им поскаувам добро здравје, а бадниковите гранчиња што ќе ги поделиме да донесат мир и спокој, нагласи Митевски.
Пред присутните се обрати и Пановски, напоменувајќи дека најголема чест за него досега е тоа што имал можност да биде кум на манифестацијата.
-Религијата и науката можат и мора да делуваат заедно, особено во вакви тешки времиња. Оваа година сите тројца, и двајцата кумови и здравичарот, се уметници и хуманисти. Голема чест за мене е што на вакви личности им ја предваам оваа чест. Минатата беше најтешка година во историјата на државата и се надеваме, се молиме да не се повтори, потенцира Пановски.
Според него, Дац и Александар внесоа оптимизам, твореа кога многу нивни сограѓани паднаа во депресија и нивната порака беше јасна – не се предавајте.
На традиционалната прослава присуствуваше и градоначалничката Данела Арсовска. Таа на кумовите, но и на сите граѓани им посака бериќет и годинава, како што рече, да биде многу подобра од минатата.
-Посакувам здравје, успех, да се сакаме повеќе, благосостојба, но и како што спомна архиепископот, сакањето и почитувањето да бидат одраз на христијанството секој ден од годината. Да бидеме хумани, да помагаме, да си бидеме подадена рака еден на друг, годината да ја поминеме многу подобро од онаа што замина, рече Арсовска.
Церемонијата пред Соборниот храм заврши со песна на Врчаковски.