Академскиот сликар и скулптор Ранко Дакиќ, кој повеќе од три децении живее и твори во Германија, а периодов се наоѓа во родното Кавадарци, инспириран од кризната состојба во светот предизвикана од панедмијата Ковид-19, изработи проекти насловен „Пандемијата како уметнички рефлекс“, за изработка на бронзена скулптура, кој го доставил до Град Скопје.
Се работи за две варијанти, склуптури насловени „Самоизолација“ и „Антитело“, со кои преку јавен уметнички одговор ќе се одбележи ова кризно време.
Според ликовниот критичар Златко Теодосиевски, уметноста има должност да остави креативни одговори за своето време како завет за идните генерации, да биде творечки сублимат на одредени состојби и ситуации, да потсетува, да предупредува, да сведочи…
Доколку проектот биде прифатен од страна на Град Скопје, Дакиќ додава дека е потребен околу еден месец за да биде изработена избраната скулптура, која би се нашла на јавна површина, или пак во некоја од јавните институции, како на пример МОБ или Македонската Филхармонија.
-Овој проект е иницијатива на Музејот на Град Скопје – директорот Славко Лисичков и ликовниот критичар Златко Теодосиевски. Проектот е направен за време на мојот тромесечен, принуден престој во Македонија, за време на пандемијата Ковид -19.
Ова дело, посакувам да биде обележје и симбол за жртвите и преживеаните, за сите кои се вклучија во борбата, за спас на човечките животи, за човечкиот стремеж кон животот, за идните поколенија како одговор, за пркос кон пандемијата и сите невољи со кои (ќе) се соочува човечката цивилизација и секој поединец, за уметноста како наднационална, општочовечка појава, за ослободување од патетичниот македонизам, за универзалното и постмодерната и човекот како слободен субјект, за Градот Скопје, за Република Северна Македонија и за меѓучовечката солидарност – вели Дакиќ.
Тој дојде во земјава во март, пред почетокот прогласувањето на панедмијата, поради приватни обврски, но поради затворените граници и поради текот на настаните предизвикани од корона вирусот, остана во родниот град изминативе неколку месеци.
Времето го искористил посветувајќи се на скулптурите, а за „Фокус“ појаснува дека нивната изработка би изнесувала многу поевтино отколку добар дел од скулптурите и зданијата кои се дел од проектот „Скопје – 2014“.
-Проектот кој е изработен на десетици страници и доставен до Град Скопје ги има сите детали. Со оглед на изработката, материјалите и значењето на скулптурата, можам слободно да кажам дека се работи за доста ниска сума. Едната скулптура е со висина од околу два метри, другата е малку помала, предлогот е да биде поставена на јавен простор. Понатаму, се останува на Град Скопје – изјави уметникот.
Лани, во септември тој имаше самостојна изложба во МСУ под наслов „Егзил“. Беа изложени 37 експонати – масла на платна, скулптури во бронза и цртежи. Организатор на изложбата, како и автор на текстот во монографијата беше Златко Теодосиевски.
Вики Клинчарова