Еден од најзначајните македонски современици, уметникот Глигор Стефанов, кој минатата година имаше ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност, одлучи делата од оваа поставка несебично да ги подари на музејот. По пат на подарок, уметникот ги пренесе неговите авторски права и овластувања на МСУ за сите дела од поставката „Грабење во просторот“.
„Горди сме што колекцијата на Музејот на современата уметност е побогата за една толку значајна збирка составена од 21 ремек дело на нашиот уметник, Глигор Стефанов“ велат од музејот.
По тој повод Стефанов, кој години наназад живее и работи во Канада изјави: „Дарувањето е израз на благодарност и љубов. Не можам да го заборавам оној тмурен ноемвриски ден во 1981 година, неколку месеци по моето дипломирање, кога како млад и анонимен уметник, без препораки и познанства, влегов во канцелариите на МСУ за да замолам ако некој сака да го погледне моето портфолио. Таа посета на МСУ го промени мојот живот.
Марика Бочварова во последен момент ме вклучи во изложбата “Млада Генерација”, Соња Абаџиева ме покани да земам учество во изложбата ”Интервенции во Простор”, Зоран Петровски ме предложи за наградата “Млад Борец” а Мирослав Поповиќ ме избра во годишната изложба “Критичарите бираат”.
Така започна веќе познатата долгогодишната соработка. Конкретно, подарувањето на делата од ретроспективната изложба на МСУ е упатување на благодарност кон институцијата и секој еден со кој соработував и работев во минатото и во деновите на подготовки на истата, благодарност до сите што го вреднуваа и подржуваа моето творештво. Ретроспективната изложба, монографијата и сместувањето на делата во колекцијата на МСУ се една целина која ја заокружи мојата уметничка активност, која интезивно се одвиваше во 80те и 90те години на минатиот век и е директно поврзана со македонското поднебје и сензибилитет“, вели Стефанов.
Стефанов според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години. Користените елементи го приближуваат до одредници врзани за едноставното пренесување на пластичната мисла во системот на директна комуникација помеѓу свеста на посматрачот и на поимот, на значењето на делото.
Самите акции на обраќање кон предметот се врзани за целосното почитување на неговите програми реализирани со несекојдневна енергија. Неговата главна преокупација е да се поврзе со обичната страна на предметната реалност што тогаш, но и сега ја добива актуелната смисла на прифаќање на делата како целина. Идејата на скулпторот е да ги остава недопирливите вредности на фактурата или текстурата.
Едноставно Стефанов ги издвојува од конвенционалната реторика и ги инкорпорира во контекст на идеите за „враќање на скулптурата“, но како амбиентална (како специфична инсталација) доведена до прагот на барањата просторот во кој е поставена да се подреди на неа. Затоа неговата скулптура е адаптивна како инсталација во различни амбиенти (ентериери или екстериери) задржувајќи ги битните својства на материјалот и формата.