Умбрасас: Среќни сме и ве очекуваме во НАТО, ние ви требаме вам и вие ни требате нам

by fokus

Добро е да се биде со нови сојузници, среќни сме и ве очекуваме во НАТО, рече заменик-министерот за одбрана од Литванија, Витаутас Умбрасас на денешната работна посета во нашата земја и на отворањето на вежбата „Одлучен удар“.

За време на посетата, Умбрасас и заменик-министерот за одбрана Беким Максути имаа  средба во Министерството за одбрана на која фокус беше билатералната одбранбена соработка, евроатлантските интеграции и стекнатите искуства.

Максути изрази благодарност за брзата ратификацијата на Протоколот за членство и за поддршката која Литванија и ја дава на нашата земја на патот кон НАТО.

Тој рече дека односите со Литванија се од големо значење од аспект на нашето приклучување во европските и евроатлантските структури, а особено важни се литванските искуства од евроатлантските интеграции.

– Направивме голем исчекор во одбранбените реформи и веќе делуваме како одговорен член на Алијансата гледано од аспект на инвестиции во одбранбените капацитети и способности. Преземавме конкретни мерки за подобрување на стандардот на припадниците на Армијата. Донесовме одлука за зголемување на буџетот на одбраната со цел до 2024 година да достигнеме 2% од БДП, рече Максути.

Литванскиот заменик-министер изрази благодарност за гостопримството и порача дека со членство во НАТО нашата земја треба да продолжи да го следи мотото „Сите за еден, еден за сите“.

Добро е да се биде со нови сојузници, среќни сме и ве очекуваме во НАТО. Ние ви требаме вам и вие ни требате нам, рече Умбрасас.

Поврзани новости