Краткотрајно невреме со обилни врнежи од дожд, силен ветер, грмежи, наместа и град попладнево го зафати Скопје.
Како што пишуваат граѓаните на социјалните мрежи, неколку улици се под вода, а забележани се и паднати дрвја врз автомобили.
На повеќе места попладнево имаше развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и силен ветер, а имаше и изолирана појава на ситен град, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
– Нестабилно беше и во Скопската Котлина. Доцна попладнево поголема и интензивна облачна маса со интензивни електрични празнења и поројни врнежи е активна во југоисточните делови – Берово, Неготино, Радовиш, Струмица, информираа од УХМР.
До крајот на денот и понатаму се очекува локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, со можност за невреме со град и силен ветер. Во текот на ноќта атмосферата ќе се стабилизира.