Град Скопје денеска после 18 часот ќе ја затвори за сообраќај улицата „Димитрија Чуповски“, кај Рекорд, и на кратко ќе ја претвори во пешачка зона за да се види како би функционирал во пракса планот за ослободување од сообраќај на Мал ринг. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, најави дека низ улицата „Димитрија Чуповски“ денеска се предвидени низа активности за посетителите.
„Драги пријатели, денеска после 18ч. улицата Димитрија Чуповски (кај Рекорд) ќе биде затворена за коли и автобуси, а отворена за пешаци и велосипедисти. Дојдете заедно да го почувствуваме отворениот простор за да видиме како ќе изгледа Малиот Ринг во иднина ослободен од моторизиран сообраќај! Донесете ги и своите деца, ќе има многу забавни содржини за нив и за возрасните!“, напиша Шилегов на својот фејсбук профил.
Идејата улицата „Димитрија Чуповски“ да биде пешачка зона е стара речиси две децении, а ќе се реализира откако Град Скопје ќе ја прошири улицата „Даме Груев“ во булевар. Со ова е предвидено сообраќајот да биде забранет од крстосницата кај „Палома Бјанка“ до крстосницата кај Собрание.