Скопјанец за малку ќе останел без својот автомобил „фолксваген поло“, бидејќи на кратко го оставил да работи на улица, а тој отишол до аптека. Во тој момент зад него, со друг автомобил, се паркирал негов другар, кој го чекал. Наеднаш еден од тројца пешаци кои се движеле по тротоарот влегол во автомобилот и тргнал по улицата.
-Околу 23.50 часот, С.Х.(29) од Скопје управувајќи патничко моторно возило „Фолксваген поло” со скопски регистарски ознаки, сопственост на неговата сопруга, движејќи се по булевар „Партизански одреди” застанал пред аптека и го оставил возилото да работи. Во истиот момент позади него бил паркиран негов пријател Ф.Р.К.(20) со патничко моторно возило „БМВ”, исто така, со скопски регистарски ознаки. Во тој момент пеш по тротоарот се движеле три непознати машки лица при што едното од нив влегло во возилото и побегнало, а другите двe лица продолжиле да се движат пеш, појаснуваат од МВР.
Оттаму додаваат дека другарот на скопјанецот кој влегол во аптеката, со своето возило тргнал по крадецот. На булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ крадецот изгубил контрола над возилото и удрил во металната ограда на тротоарот.
-Сторителот продолжил да се движи и кон улицата „Костурски Херои” каде што го оставил возилото на тротоарот и побегнал. Се работи на целосно расчистување на случајот, велат од МВР.