Украински воени официјални лица им кажале на нивните американски колеги и западните партнери дека тие се обидувале да пресретнат руска ракета близу местото на фаталната експлозија во Полска, објави CNN.
Додека Киев првично за експлозијата ја обвини Русија, западните лидери од самиот старт претпоставуваа дека се работи за украински одбранбен проектил.
Цитирајќи американски воен извор, водителот на CNN, Џим Шуто, денеска објави дека украинската војска ги информирала своите западни подржувачи дека се обидувале да пресретнат руска ракета во истиот временски период близу полското село Пжеводув.
-Не е прецизирано дали се работи за истата ракета која ја погоди Полска, но оваа информација се поклопува со проценката на САД – рече Шуто.
Признанието на украинската војска е целосен пресврт на настаните откако украинскиот претседател Володимир Зеленски дури инцидентот го нарече „руски напад врз колективната безбедност“ на НАТО.