Украинските мажи на возраст меѓу 25 и 60 години кои живеат во странство се очекува да се пријават на воена служба, изјави денеска министерот за одбрана Рустем Умеров, пренесува Би-би-си.
Го опиша тоаа како „покана“ – но посочи дека ќе има санкции против секој што нема да се придржува.
Претседателот Володимир Зеленски изјави за новинарите во вторникот дека на Украина и се потребни 450.000 до 500.000 нови војници, но постигнувањето на таа бројка е „чувствително прашање“. Како што пренесува Би-Би-Си, сето тоа се случува во време кога украинската контраофанзива се чини дека е целосно заглавена.
Киев, исто така, неодамна претрпе удар во однос на помошта од Западот. Имено, американските републиканци го блокираа пакетот воена помош од 61 милијарда долари, а Унгарија, пак, го стопираше пакетот финансиска помош од ЕУ во вредност од 50 милијарди евра.
Во ноември, австрискиот весник Експрес ја цитираше европската агенција Еуростат дека околу 650.000 Украинци на воена возраст ја напуштиле земјата само во ЕУ од почетокот на руската инвазија, од кои речиси 200.000 се во Германија.
Бројката не ги вклучува граѓаните кои живеат надвор од ЕУ или оние кои престојувале каде било во странство пред февруари 2022 година.
Во интервју за германските медиуми Ди Велт, Билд и Политико, Умеров го опиша регрутирањето на нови војници „не како казна, туку како чест“.
„Сè уште разговараме што треба да се случи ако не дојдат доброволно“, рече тој.
Не постојат центри за регрутирање надвор од Украина, а украинските власти немаат начин да принудат некого да се пријави.
Министерот за одбрана рече дека е важно да се биде фер, да се информираат мобилизираните лица како ќе бидат обучени и опремени, кога и каде ќе служат и кога ќе бидат отпуштени.