Украинско семејство со шест деца на возраст од една година, 5, 9, 11 и 15 години, сместено во Струга, бара помош од хуманите граѓани. Како што апелира мајката, Марија Орловскаја, на страницата за помош на луѓе од Украина во Македонија, моментално им е потребна помош, но истовремено сакале да бидат од корист.
-Моравме да побегнеме од војната во Украина. Имаме шест деца, и додека е опасно во нашата земја, планираме да останеме во Струга, Македонија. Вашата земја е многу убава, луѓето се љубезни. Ќе ви бидеме благодарни доколку ни помогнете со веганска храна, облека и обувки за децата, како и пелени за најмалото дете. Исто така, сакаме да бидеме корисни, јас сум доктор, нутриционист, лекувам со билки, и заедно со сопругот нудиме масажа и часови по јога. Можам да ви помогнам да ви се подобри здравјето, правам здрави диети и можам да ве научам да готвите здраво. Мојот сопруг, покрај масажа и јога, може да ви го поправи компјутерот, да ви направи веб страница, да врши транспорт (имаме минибус и приколка) за мала сума. Најстарата ќерка, која има 15 години, заедно со нејзина пријателка, на иста возраст, која е овде со нас без своите родители, можат да ви го шетаат кучето, да ви ја средат градината… Сакаме да запознаеме нови луѓе и да бидеме од корист. Се надеваме дека ќе го поминеме овој тежок период заедно со вас, со ваша помош – пишува Орловскаја.
Оние кои можат да му помогнат на семејството со веганска храна, облека, обувки или пак финансиски, можат да остават донации во Охрид, во салон за убавина кај Мила Јордевски, Украинка која што живее во Македонија, или да ја контактираат Јордевски на нејзиниот Фејсбук профил.
Вики Клинчарова