Општина Кавадарци ќе потпише договор за соработка со претставници од Буча, Украина, а настанот ќе се случи утре, во кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
Како што информираат од општината, во Кавадарци утре ќе пристигнат претставници од украинската општина Буча, и тоа заменик градоначалникот на Буча, Шпетко Серхи и раководителот на Оддел за култура, националности и религии на Градскиот Совет на Буча, Виталии Томниук.
Ќе бидат присутни и Амбасадорот на Република Украина во Македонија, Н.Е. Лариса ДИР, секретарот на украинската амбасада во земјава, Володимир Вербитскиј и претседателот на Здружение на Украинци во Македонија ,,Лесја Украинка” Олександр Урбанович.
Гостите ќе останат во Кавадарци до сабота, и предвидени се низа на активности, како посета на мали семејни винарии, посета на Винарија Тиквеш, посета на Вински музеј и друго.
Општина Кавадарци во мај годинава донесе одлука да испрати помош во Украина. Стануваше збор за сума од 600.000 денари, со кои здружението ,,Лесја Украинка” обезбеди прехрамбени производи кои беа испратени во Украина, а кон донациите се приклучи и бизнис секторот од Кавадарци.
Тогаш градоначалникот Јанчев изјави дека во овие тешки времиња за украинскиот народ, треба да се покаже хуманост.
Вики Клинчарова