Украина соопшти дека отвора седум хуманитарни коридори, од кои еден од Мариупол, во моменти кога стигнуваат информации дека руските трупи имаат воспоставено контрола врз одредени делови на градот.
Информацијата за отворањето на седумте коридори ја соопшти украинскиот-заменик премиер, додека гувернерот на Суми соопштува дека три колони со бегалци се евакуираат од градот откако е прогласен прекин на огнот.
Изутринава од Мариупол пристигнуваат информации за воздушни напади врз градот, а руски медиуми јавуваат дека нивни трупи веќе контролираат делови на градот.
Полските погранични власти денеска соопштија дека за две седмици откако почна инвазијата во Полска од Украина влегле 1,43 милиони бегалци. Во текот на вчерашниот ден границата ја минале 117 илјади лица, а денеска досега нивниот број е 22 илјади.