Украинските сили извршиле ракетен напад на мостот што ги поврзува украинската област Херсон и полуостровот, соопштија претставници на властите на двата региона назначени од Москва, пренесува Ројтерс.
Оштетениот мост Чонхар по ракетниот напад/Фото: Телеграм канал на Владимир Салдо
Гувернерот на Херсон, назначен од Русија по анексијата на регионот, Владимир Салдо изјавил дека мостот бил нападнат со проектили од типот „Сторм шедоу“ (Storm Shadow), кои го оштетиле коловозот, по што сообраќајот бил пренасочен по друга рута.
Станува збор за крстаречки ракети со долг дострел кои Велика Британија потврди дека ѝ ги доставила на Украина минатиот месец, потсетува „Гардијан“.
Според производителот на ракетите – европската групација за вооружување МБДА, тие имаат дострел од над 250 километри, што е значително повеќе во споредба со високопрецизните американски ракетни фрлачи „Химарс“, кои украинските сили ги користеа во голема мера.
Ракетите со пократок дострел станаа помалку ефикасни бидејќи Русија ги преместува своите војници и резервите за снабдување подалеку од фронтот, а ракетите „Стром шедоу“ треба да ѝ овозможат на Украина да напаѓа цели кои претходно беа недостапни за нејзиниот арсенал.
Украина, како што наведува „Гардијан“, е решена да го врати полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Една од клучните цели на нејзината неодамна започната контраофанзива е да го пресече таканаречениот копнен мост на Русија кон Крим и да ги изолира руските трупи таму.
Минатата година во напад тешко беше оштетен мостот Керч, кој го поврзува Крим директно со континентална Русија.