Професорот по историја на Универзитетот во Лавов, Јарослав Хрицак во интервју за весникот „Кориере дела сера“ зборуваше за слабостите на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Популарноста на Володимир Зеленски е на најниско ниво. Ако денеска се оди на избори тој би бил поразен. На Украина и требаат избори што е можно поскоро за да го врати своето политичко лидерство. За жал, треба да почекаме: нема да можеме да одиме на избори се додека земјата е под руска закана“, рече Хрицак.
Тој објасни зошто сега не може да се одржат избори.
„Ова не е можно од практична гледна точка, со дел од окупираната територија, толку многу граѓани во странство или под бомби. Постои и ризик од ослободување на внатрешните тензии, кои не слабеат“, нагласи тој.
Тој смета дека популарноста на Зеленски паѓа поради две причини.
„Првата причина: не успеа да извојува ниту една победа повеќе од една година. Освен можеби напредокот во регионот Курск, кој, сепак, може да испадне многу кревок. Втората причина: Зеленски не третира како да ние сме деца кои не сме способни за расудување и на кои не треба да им се кажува вистината“, рече тој.
„Зеленски продолжува да ја повторува херојската приказна од првите месеци, според која мораме да останеме обединети и да се бориме за ослободување на сите региони окупирани од Русите, вклучувајќи го и Крим. Но, никој повеќе не ја прифаќа оваа приказна: очигледно е дека нема да можеме да се вратиме на границите од 1991 година и во секој случај тоа би довело до многу смртни случаи и уништувања, што земјата не може да ги поднесе во реалноста“, продолжи тој.
Хрицак предвиде и кој ќе победи на претседателските избори денеска.
„Последните анкети покажуваат јасна предност на поранешниот шеф на вооружените сили Валериј Залужни. Тој би ја имал потребната харизма да бара повеќе жртви и да направи болни отстапки на Путин, но засега не знаеме дали е подготвен да се кандидира“, предупреди Хрицак.
Тој не е сигурен дека Зеленски е свесен за проблемот.
„Тој се опкружи со лојални извршители кои се обидуваат да го држат подалеку од лошите вести. Сржта на проблемот останува неговата желба да ја концентрира моќта во свои раце: тој избира соработници врз основа на лојалност, а не на професионализам“, рече тој.
„Имаме традиција на претседател кој се обидува да владее во стилот на неговата претходна работа. Зеленски беше добар актер и се уште се однесува така. Тој сонува да ја игра улогата на украинскиот Черчил. Итноста на војната му помогна: тој го отелотвори дарежливиот и храбар волонтеризам на Украинците, кои сакаа да се борат по секоја цена“, истакна тој.
„Но, играта стана потешка кога стана јасно дека војната ќе се одолговлекува и дека треба да се развијат иновативни политики на отпор. Го споредувам со Горбачов: многу популарен на почетокот на перестројката, но потоа се повеќе изолиран; почитуван и дури сакан во странство, но презиран дома“, додаде тој.