Украина воспоставила воена административна канцеларија во руската Курска област, кажа главниот командант на украинската војска Александар Сирски.
Тој наведе дека воената канцеларија ќе ги покрива териториите кои ги контролираат украинските сили во Курск, каде ќе се грижат за потребите на тамошното население.
Како што кажа Сирски, украинските сили напредуваат подлабоко и зазеле нови територии во Курск, каде се пробија 35 километри од границата и сега контролираат 1.150 квадратни километри.
Шефот на Службата за безбедност на Украина Васил Малиук кажа дека во текот на упадот во Курск специјалните сили на украинската војска заробиле повеќе од стотина руски војници.
„Спроведовме софистицирана операција во која се заробени 102 Руси. Во таа смисла веќе размислуваме како тоа најдобро да го искористиме, за нашите бранители да ги вратиме дома“, напиша Малиук на Телеграм за можна размена на затвореници.
Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов кажа дека Москва ќе испрати засилувања за да го заштити населението во регионот.
Украинскиот упад ги поттикна руските власти да изработат планови за „дополнителни мерки“ за заштита на населението и инфраструктурата во областите кои се граничат со Русија.