Украина тврди дека Русите уништиле уште една брана

by Fokus

Додека обидите за помош на жртвите од уништувањето на браната Каховка преку реката Днепар во Керсон се во тек веќе седми ден, руската војска е обвинета за кревање во воздух многу помала брана покрај реката Мокри Јали, која стана најуспешна оска за напредување на Украина во западен Доњецк досега, објави „Гардијан“.

Украинските сили се движеа по двете страни на реката, јужно од градот Велика Новосилка, ослободувајќи голем број села – Благодатне на источниот брег и Нескучне, Макаркивка и Сторожева на западната страна. Објавени се и видеа од војници со сино-жолто знаме кои влегуваат во селата.

Нивните тврдења не можеа да бидат независно проверени, но руските воени блогери го потврдија украинското напредување и пријавија тешки борби во текот на ноќта и во понеделник наутро за следното село покрај патот Урозна на источниот брег, на југоисточниот пат за Мариупол.

Валери Шершен, портпаролот на украинската војска за тој сектор од фронтот, рече дека руските сили разнеле брана возводно долж Мокри Јали, предизвикувајќи поплави на двата брега. Шершен рече дека целта на Русија е да ја забави украинската контраофанзива, но истакна дека не успеале во тоа.

Се чини дека браната се наоѓала во селото Кључове, но нејзиното наводно уништување се уште не може независно да се потврди, посочува „Гардијан“.

Браната Каховка беше пробиена минатата недела, предизвикувајќи големи поплави на југот на земјата. Поплавата зафати околу 596 квадратни километри од двете страни на реката Днепар.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уривањето на браната. Експертите веруваат дека намерна експлозија во внатрешноста на браната најверојатно била причина за нејзиното уривање.

Би-Би-Си вели дека се чини многу веројатно дека руските сили кои ја контролираат браната одлучиле да ја кренат во воздух за да им го отежнат преминувањето на реката на Украинците како дел од тековната контраофанзива.

Ако навистина се работи за руска саботажа, тоа би било јасен доказ дека Москва веќе го чувствува притисокот во времето кога се очекуваше украинската контраофанзива.

Претседателот Володимир Зеленски во саботата го објави долгоочекуваниот контранапад на Киев.

Поврзани новости