Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен, кој вчера ненадејно го посети Киев, на прес-конференција во главниот град на Украина најави дека САД ќе ѝ дадат на Украина дополнителни 2 милијарди долари воено финансирање.
Тој рече дека дополнителната помош може да обезбеди оружје „денес“: „Ние брзаме со муниција, оклопни возила, проектили и противвоздушна одбрана за да ги однесеме до првите линии“, рече Блинкен.
Шефот на американската дипломатија рече дека САД се „интензивно фокусирани“ на испраќање на противвоздушни ракети „Патриот“ и други системи за противвоздушна одбрана, што украинскиот претседател Володимир Зеленски упорно ги бара од сојузниците.
Тој рече дека американската поддршка доаѓа во критично време за Украина, која се соочува со жестока руска офанзива на север, во регионот Харков.
На прашањето дали ќе ја поддржи употребата на американско оружје за напади на места во Русија, тој рече: „Не го охрабруваме тоа, но Украина мора сама да ја донесе таа одлука“.