Украинските воздухопловни сили објавија дека утрово собориле руски борбен авион Су-35 во Курската област во Русија, објавува „Киев Индепендент“. Иако деталите за операцијата не беа откриени, според украинскиот Генералштаб, со ова вкупниот број на уништени руски авиони од почетокот на инвазијата се искачи на 414.
Украина тврди дека погодила 42 руски бомбардери и други летала, предизвикувајќи штета од околу 6 милијарди евра и оневозможувајќи над една третина од руската стратегиска флота.
СБУ информираше дека 117 дронови, лансирани од прикриени локации низ Русија, истовремено нападнале воени аеродроми во најмалку четири региони, вклучително и бази илјадници километри оддалечени од украинската граница. Цел на нападите биле аеродроми каде се распоредени стратешките бомбардери Ту-95 и Ту-22М3, кои Русија ги користи за напади со крстосувачки ракети врз украински градови.
Су-35 е повеќенаменски ловец од генерација 4++, развиен како модернизирана верзија на Су-27. Во рускиот арсенал е од 2009 година, додека верзијата Су-35С е целосно оперативна од 2018. Со брзина до 2.500 км/ч и борбен радиус од 2.000 км, авионот има задача да обезбеди воздушна надмоќ и да изведува напади на копнени и поморски цели. Неговата цена се проценува на околу 40 милиони евра по примерок.