Украина размислува да ја затвори нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, поради безбедносни причини и е загрижена за резервите на дизел гориво што се користи за помошни генератори, изјави во средата водечки експерт за нуклеарна безбедност во Киев.
Загрозената централа – најголемата нуклеарна централа во Европа – останува исклучена од украинската мрежа бидејќи надворешните далноводи беа прекинати со гранатирање.
-Опцијата за затворање на централата се разгледува, доколку се појават услови кои бараат затворање на централата“, рече на прес-конференција преку видео-врска Олех Кориков, вршител на должноста шеф на Државниот нуклеарен регулаторен инспекторат на Украина.
Тој додаде дека централата ги задоволува сопствените потреби за електрична енергија, но дека помошните дизел генератори ќе мора да работат доколку централата остане исклучена од електричната мрежа на Украина, иако не даде временска рамка за таа можност.
Кориков предупреди дека ќе биде исклучително тешко да се надополнат залихите на дизел поради руската инвазија на Украина на 24 февруари. Руските војници ја зазедоа електраната на почетокот на март, но со неа сè уште управуваат украински техничари.
-Потенцијално, би можеле да дојдеме до ситуација да истекува дизелот, што би предизвикало инцидент со оштетување на активните зони на реакторот, што би резултирало со ослободување на радиоактивни материи во животната средина, предупреди тој.
„Ова не само што би имало последици за територијата на Украина, туку и прекугранични последици“, посочи тој.
Исклучувањето на огромната нуклеарна централа со шест реактори дополнително ќе ја оптовари Украина, која веќе се подготвува за зима со недоволна енергија додека беснее војна на нејзиниот исток и југ.