Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба изјави за АП дека земјата има намера да одржи мировни преговори со Русија до крајот на февруари – кога е и годишнината од избувнувањето на војната.
Кулеба додаде дека преговорите најверојатно ќе бидат во Обединетите нации, со генералниот секретар Антонио Гутереш како можен посредник.
Шефот на украинската дипломатија изјави дека е „апсолутно задоволен“ од резултатите од минатонеделната посета на претседателот Володимир Зеленски на САД, велејќи дека американската влада планира ракетниот систем „Патриот“ да биде подготвен за боева употреба во земјата за помалку од шест месеци.
Кулеба рече дека дипломатијата и Обединетите нации ќе играат важна улога во завршувањето на конфликтот во Украина.
Пред Русија да се приклучи на разговорите, Кулеба рече дека на Кремљ прво треба да му се суди за воени злосторства пред меѓународен суд.
Тој ги отфрли тврдењата од Москва дека Русија е подготвена да преговара, додавајќи: „Тие редовно велат дека се подготвени да преговараат, што не е точно, бидејќи се што прават на бојното поле го докажува спротивното“.
Инаку, во последните денови рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека е подготвен за преговори, но дека Украина одбива да разговара.