Рускиот енергетски гигант Гаспром соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот наутро по московско време, бидејќи истече договорот за транзит.
Украина соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзина територија е суспендиран од 7 часот наутро по локално време, поради „националната безбедност“.
-Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан – изјави министерот за енергетика Герман Галушченко.
Изјавата на киевското Министерство за енергетика следуваше по истекот на петгодишниот договор меѓу Гаспром и украински Нафтогас.
-Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас – рече тој.
Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на една деценија на тензични односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година.
Запирањето на протокот на гас се очекуваше поради војната, која започна во февруари 2022 година. Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот.
Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.
Русија се уште извезува гас преку гасоводот „Турски тек“ на дното на Црното Море. Турски тек има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.