Украинскиот центар за кибер безбедност соопшти дека веб-страниците на украинското Министерство за одбрана и на банките Приватбанк и Ошадбанк биле мета на кибер напад.
Украинскиот центар за кибер безбедност соопшти дека Русија е најверојатно виновна за нападот.
Двете банки се најголеми финансиски институции во Украина.
Украинските власти соопштија дека е извршен т.н. „DDoS“ (Distributet Denial-of-Service) напад.
Во пораката на почетната страница на веб-страницата на украинското Министерство за одбрана се вели дека има техничкки проблеми.
Тројца западни разузнавачки извори вчера во изјава за западни медиуми тврдеа дека „платеници поврзани со руски разузнавачки структури“ наводно го зголемиле своето присуство во Украина, поради што расте стравот кај некои членки на НАТО дека Русија би можела да бара изговор за инвазија на Украина, објави на својот сајт Телеграф, пренесувајќи извештај на новинската агенција Ројтерс.
Повикувајќи се на неименувани извори, британската агенција пренесува дека се зголемува стравувањето оти руската инвазија ќе следи по војна со информации и „кибер напади врз клучни инфраструктурни системи“, како што се електричната и гасната мрежа.
Изворите предупредуваат на наводни дејствија на руски платеници кои би можеле да ја „парализираат Украина со извршување целни егзекуции и користење на специјализирано оружје“.
Русија ги зајакна своите воени сили распоредени на границата со Украина во текот на викендот, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, и покрај најавата на Москва дека завршува некои од воените вежби.