Украина ја нарекува Русија „терористичка држава“

by Fokus

Украина на вонредна седница на Генералното собрание на ОН од меѓународната заедница побара осуда на руските анексии кои се спротивни на меѓународното право.

-Таканаречените референдуми немаат никаква врска со она што ние го нарекуваме израз на волјата на народот, ниту од правен ниту од технички аспект, изјави украинскиот амбасадор во Обединетите нации, Серхиј Кислицја, на вонредната седница на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Тој од најголемото тело на ОН побара да се донесе резолуција со која од Русија ќе се бара поништување на нејзините постапки.

Кислицја ја нарече Русија „терористичка држава“.

Според него, целиот свет „повторно го виде вистинското лице на една терористичка држава, која го убива нашиот народ“. Кислицја соопшти дека во серијата руски напади врз Украина вчера загинале 14 цивили, а повредени се 97.

-Намерното гаѓање цивили со ракети е воено злосторство, рече тој во Њујорк.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небенсја, пак, не ги коментираше ракетните напади врз Украина и ги бранеше анексиите од Русија.

-Ние сме обвинети, иако се обидуваме да ги заштитиме нашите браќа и сестри во источна Украина, рече тој. Небенсја се жалеше на „опасна поларизација“ во Обединетите нации и создавање блокови кои ја поткопуваат меѓународната соработка.

Генералното собрание на ОН вчера (10.10) го почна заседанието во врска со последните руски анексии на делови од Украина, кои се спротивни на меѓународното право.

На крајот на заседанието, кое поради големиот број пријавени говорници може да се оддолжи до среда(12.10), треба да се гласа за резолуција со осуда на Москва.

Резолуциите на Генералното собрание на ОН, за разлика од оние на Советот за безбедност на ОН, не се обврзувачки. Но, гласањето во Њујорк се смета за тест на глобалното расположение во врска со војната во Украина.

Западни дипломати нагласуваат дека во сопствен интерес на секоја членка на ОН треба да биде осуда на Русија, доколку не се сака и самaта да се стане жртва на некоја илегална анексија од страна на соседна држава.

 

Поврзани новости