Украина инсистира на целосно ембарго за руската нафта и гас

by fokus

Украина инсистира на целосно ембарго за руската нафта и гас за да се изврши поголем притисок врз Русија, напиша украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер.

– Инсистираме на целосно ембарго за руската нафта и гас. Нивно купување сега значи плаќање за убиство на украински мажи, жени и деца. Ги поздравувам првите решителни чекори на голем број европски држави во овој поглед и ги повикувам другите да продолжат одлучно и без одлагање, напиша украинскиот министер.

Европската комисија, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Канада и САД објавија заедничка изјава во која изразија солидарност со народот на Украина и најавија отстранување на голем број руски банки од меѓународниот платен систем СВИФТ, замрзнување на средствата на руската Централна банка и слично. Најавени се и лични санкции против рускиот претседател Владимир Путин.

На 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин и објави војна на Украина и почна инвазија од големи размери. Руските трупи гранатираат и уништуваат клучна инфраструктура, но проектили погодија и станбени згради.

Во Украина е воведена воена состојба и најавена е општа мобилизација. Украина официјално поднесе тужба против Руската Федерација во Меѓународниот суд на правдата на ОН во Хаг.

Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, загубите на руската армија достигнале околу 4.500 луѓе.

Поврзани новости