Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со својот руски колега Сергеј Лавров при што му навести дека Москва ќе има „сериозни трошоци“ доколку руската армија навлезе во Украина, соопштија денеска од Стејт департментот.
Тет-а-тет средбата Блинкен-Лавров во Стокхолм следува еден ден по изјавата на Вашингтон дека САД одлучно ќе реагираат, вклучувајќи употреба на засилени санкции, во случај Русија да ја нападне соседната земја.
-Ако Москва избере пат на воена ескалација, државниот секретар стави јасно до знаење дека Соединетите Држави и нашите сојузници се спремни да нанесат значајни трошоци, соопшти официјалниот претставник Нед Прајс.
Лавров, пак, ја предупреди Европа дека би можела да се врати во кошмарот на воен конфликт, повикувајќи на формирање нов европски безбедносен пакт со кој би се спречило ширењето на НАТО кон исток.
-Како што кажа и претседателот Путин, ние не сакаме никаков конфликт. Истовремено, воената инфраструктура на НАТО неодговорно е доближена до руските граници во Романија и Полска – изјави Лавров.
Средбата доаѓа додека Русија го засилува своето воено присуство во близина на границата со Украина, која кажа дека таму се распоредени 90.000 руски војници.